Фудбалерите на Интер се на чекор до пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите, бидејќи вечерва во првиот осминафинален натпревар на гостински терен го победија Феенорд со 2:0 (1:0).
Тимот од Милано е на добар пат следната недела пред своите навивачи да слави меѓу осумте најдобри екипи во Европа.
Маркус Тирам во 38. минута и Лаутаро Мартинез во 50. минута му донесоа вреден триумф на Интер среде Ротердам.
Избраниците на Симеоне Инзаги не се снајдоа добро на стартот во Холандија, бидејќи Феенорд наметна силно темпо од самиот почеток. Домашните делуваа поопасно од првиот судиски свиреж, постојано играа пред шеснаесетникот на ривалот и се чинеше дека е само прашање на време кога Интер ќе капитулира.
Италијанскиот тим безидејно и демотивиран влезе во натпреварот, што потврдува дека во првите половина час не успеаја да создадат шанса или да упатат удар во противничкиот гол.
Сепак, сè брзо се промени во Ротердам. Во продолжение како различен тим на Интер да влезе на теренот и во 32. минута се закани Денсел Дамфрис, но неговиот обид заврши крај стативата. Сепак, шест минути подоцна „нероаѕурите“ ја погодија целта, попрецизен беше Тирам.
Николо Барела нафрли од десната страна пред шеснаесетникот, каде Тирам одлично реагираше и ја смести топката во мрежата на голманот Веленројтер. Зиелински по одбиената топка од работ на шеснаесетникот го проигра Мартинез, кој немаше проблем да ја забие топката во мрежата од седум-осум метри.
И покрај негативата од два гола, избраниците на Роби Ван Перси не се откажаа од играта, па во 56. минута можеа да го намалат резултатот, но ударот на Модеро заврши на гредата, за среќа на италијанскиот тим.
Интер веќе во 63. минута можеше да стави точка на двомечот со Феенорд, но го потроши пеналот. Имено, Зиелински ја презеде одговорноста и шутираше, но неговиот удар беше одбранет од Веленројтер, па резултатот остана непроменет до крајот на натпреварот.