Според податоците од Бирото за јавни набавки, завесата во новиот театар во Велес чини 288 илјади евра или речиси 18 милиони денари.
Овие пари Министерството за култура ги потрошило за набавка и монтажа на свечена завеса и технолошки завеси за оформување на сценскиот простор на големата сцена во новиот велешки театар. Парите се исплатени на српската фирма „Светлост театар“.
Театарот во Велес почна да се гради во 2008 година, кога е и склучен договорот со тетовската фирма Еуро проект на 2 милиони евра, сепак, за изградбата на новиот велешки театар се потрошени околу 10 милиони евра.
Како што може да се види од податоците на Бирото за јавни набавки, за изведба на сценски технологии потпишан е основен договор во вредност од речиси 5 милиони евра и анекс договор на истиот за набавка, изработка и монтажа на сценска опрема во вредност од половина милион евра.
Министерството за култура тие договори ги потпишало со белградската фирма „Светлост театар“. Интересен податок е тоа што велешката фирма „Делта пром“, која што извршила набавка на мебел, опрема и занаетчиско-ентериерни работи во вредност од 1 767.844 евра, а за дополнителни 400 илјади евра склучила договор за изведување на градежно-занаетчиски работи за паркинг и партерно уредување на објектот.
Новиот театар во Велес зафаќа површина од 3.800 квадратни метри и ќе има две сали – голема со капацитет за околу 400 седишта и мала со 100 седишта.
Во него ќе има и фоаје уредено со скулптури и фотографии од Јордан Константинов Џинот, работилница и административен простор. Зградата на театарот е дело на архитектите Илија и Моника Стојчевски и Билјана Христова од ателјето „Проектинг“.
Александра Бубевска