Владата денеска на седница треба да ја донесе одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо. Одлуката, според најавите, ќе важи до 30 април и ќе опфаќа над 100 групи производи.
Како што информира Владата покрај основните прехранбени производи одлуката ќе вклучува и средства за хигиена, бебешка храна и непрехранбени производи кои имаат многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Одлуката ќе биде донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците дистрибутери се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.
До утре, како што најави владината портпаролка, треба да се изврши и контрола кај производители на млеко, месо, млечни и месни производи.
По порастот на цените на основните прехранбени производи и граѓанските бојкоти што беа организирани во изминатите две недели, Владата го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за 10-процентно ограничување на маржата во трговија на мало и за 10 проценти на трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но истата да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните.
Ограничувањето на маржите ќе трае до 30 април, а ќе бидат опфатени основните прехранбени продукти, како и детергентите и бебешката храна. Министерството за економија ќе разгледува дали покрај оваа мерка, ќе има потреба да се носат и дополнителни кошници.