Со огномет по полноќ и индиски музички ѕвезди и танчери беше означено отворањето на Балканскиот мировен фестивал во организација на Индиецот Субрата Рој.
По едночасовниот настап на танчерската група од Индија на чело со Шајмак Давар, се обрати премиерот Никола Груевски кој порача дека Македонија поддржува манифестации кои го пропагираат мирот во светот.
– Речиси нема држава која не чувствува предизвици и закани за мирот. Граѓаните на Македонија, како и нејзините претци имале прилика да ги почуствуваат последиците од отсуство на мирот, Нашиот народ отсекогаш го краселе одлики на мирољубивсот и воздржаност.
– Затоа имаме право да бидеме заговорници на мирот, како што е иницијативата Балканскиот мировен фестивал во организација на Субрата Рој од пријателска Индија. Госпосдинот Рој и Сахара групацијата одлучија од овде да се рашири иницијативата за мирот, и ние сме им благодарни за тоа – изјави Груевски со што го отвори фестивалот.
Свое обраќање на полупразниот плоштад имаше и организаторот на настанот, Индиецот Субрата Рој, кој со зборовите „Ве сакам сите од дното на моето срце“, на македонски јазик, ја поздрави публиката на плоштадот. Тој изрази среќа и задоволство што е повторно во Македонија и откри дека желбата за организација на ваков настан тлеела во него подолго време.
– Барав земја во светот која ќе биде без корупција за одржување на првиот фестивал и одлучив тоа да биде Македонија. Овој фестивал го започнуваме на 2. октомври, ова е меѓународен ден на ненасилството и ден на Махатма Ганди. Воедно, голема радост ми е што сум овде во градот на мајка Тереза. Јас лично бев многу близок со мајка Тереза.
– Прилично сум елоквентен, но во моментов не можам да најдам зборови со кои можам да ја опишам нејзината личност. Секое човечко суштество се состои од две личности, надворешна и внатрешна. Внатрешната се однесува на љубовта и на мирот која ги поседува човекот. Често се мисли дека ваква иницијатива е да се поттикне мир меѓу земјите. Но, идејата е да се постигне идејата меѓу сите човечки суштества. Најмалата единка која постои во светот е едно мало семејство. Земјите во светот немаат свое лице. Лицето на една земја го претставуваат граѓаните на таа земја.
– Вечерва испраќаме порака за мир до секој човек, секое семејство, секој поединец кој сака мир на работното место. Некој ќе рече дека сум голем оптимист, но вечерва го избравме вистинското место да го одржиме фестивалот. Граѓаните на Скопје и Македонија со гордост ќе се сеќаваат на оваа иницијатива, изјави Субрата Рој.
Петар Клинчарски