За денеска е најавен нов бојкот на маркетите по минатонеделниот кога прометот во големите трговски ланци беше намален за речиси 50 проценти. Додека граѓаните се повикуваат на нов бојкот поради високите цени на основните прехранбени производи, надлежните најавуваат мерки кои треба да бидат познати во текот на денешниот ден или во понеделник.
До крајот на неделата треба да завршат и шестмесечните контроли на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците по што Инспекторатот треба да излезе во јавноста со податоци.
По примерот на Хрватска, минатиот петок во земјава се одржа првиот бојкот на маркетите кој резултатираше со речиси преполовен промет во големите трговски ланци. Според податоците што ги објави Управата за јавни приходи, вкупниот промет во осумте поголеми трговски ланци во земјава бил намален за 46,59 отсто во споредба со претходниот петок, а за 46,29 проценти во однос на четвртокот.
– Податоците од системот за регистрирање на готовински промет (GPRS), односно регистриран готовински промет во осумте поголеми синџири на маркети на територијата на целата држава за деновите 24, 30 и 31 јануари 2025 година покажуваат дека вчера 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари. Во четврток, 30.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари, а во петок, 24.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213,985,705 денари, информираа од УЈП.
Бојкотот на маркетите започна во Хрватска, а се прошири и во дел од останатите држави во регионот.