„Црн петок за маркетите“ е наречена акцијата за бојкот на синџирите продавници во земјава со кој се повикува повторно да се бојкотираат маркетите идентично како и на 31 јануари кога како што објави УЈП прометот на осумте најголеми ланци во земјава беше намален за 47 проценти.
Акцијата за бојкот на маркетите се шири ни регионот. Најактивно е во Хрватска и во Србија, но најави за бојкот доаѓаат и од Косово, Бугарија и од Грција.
Хрватската интернет платформа „Ало, инспекторе“ за утре најави еднодневен генерален бојкот на продавниците и услугите во државата, трет од започнувањето на таа акција поради високите цени и еднонеделен бојкот на „Конзум“ од сабота, 8 февруари. Според анкетата, следни на листата на еднонеделен бојкот се продавниците на „Плодине“ и „Студенац“.
За еднонеделен бојкот на „Конзум“ одлучија граѓани кои учествуваа во анкетата објавена на платформата на организаторите насловена: „Секоја недела по еден синџир“.
По бојкотот на големите трговски ланци што во петокот на 31 јануари се случи во Србија, Здружението за заштита на потрошувачите Ефектива ги повика граѓаните на нов бојкот на петте големи трговски синџири – Делезе, во кој се вклучени „Макси“ и „Шоп&Го“, потоа Меркатор во кој се „Идеа“ и „Рода“, како и „ДИС“, „Лидл“ и „Универекспорт“. Идејата е да се спроведе бојкот од понеделник, 10-ти до петок, 14-ти февруари.