Ниту три дена по шокантната размена во која Лука Дончиќ стана нов играч на ЛА Лејкерс, коментарите не престануваат поради потегот на Нис Харисон, генералниот директор на Далас Маверикс, кој се откажа од 25-годишната суперѕвезда, еден од најдобрите играчи во светот.
Од размената особено беа погодени навивачите на Мавс, кои ненадејно го загубија омилениот играч, кого последен пат го видоа на Божиќ поради повреда, не ни помислувајќи дека никогаш повеќе нема да заигра во дресот на нивниот клуб.
Многу навивачи се толку разочарани што побараа од Маверикс да им ги вратат парите за сезонските билети кои ги купија главно поради Дончиќ.
Далас спорт пишува дека клубот би морал да плати во просек по 2.000 долари на незадоволните навивачи доколку ги прифати нивните барања.
„Ги цениме сите што имаат сезонски билет, а нашите претставници се подготвени да одговорат на сите нивни прашања и грижи“, објавија Маверикс, оставајќи ја отворена можноста за враќање на парите.