САД воведоа високи царини за стоките од Канада, Мексико и Кина

Од:

Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа потпиша указ за воведување царини за стоките увезени од Канада, Мексико и Кина. За увозот од соседите Канада и Мексико царините се 25 отсто, додека за увозот од Кина тарифата е 10 отсто. За увозот на енергенси од Канада, тарифата е пониска, односно 10 отсто. Трамп најави и царини за увоз од Европската Унија за стоки како и за челикот, алуминиумот и бакарот, лековите и полупроводниците.

„Ќе воведеме царини за челик и алуминиум и на крајот на бакар. За бакарот ќе биде потребно малку подолго време“, рече тој.

Според Белата куќа, нелегалните имигранти и наркотичките средства што циркулираат преку јужната и северната граница, вклучувајќи го и смртоносниот фентанил, создале национална вонредна ситуација. Затоа, претседателот Трамп презема мерки за да ги принуди Мексико, Канада и Кина да ги исполнат своите ветувања за запирање на нелегалната имиграција и приливот на отровниот фентанил и други дроги во САД, се вели во соопштението на Белата куќа.

Американската царинска и гранична служба лани во акции на границите на САД запленила повеќе од 10.000 килограми фентанил.

-Кинеските власти не ги презедоа неопходните мерки за да се запре испораката на прекурзори на хемиски супстанции до познатите криминални картели и да се прекине перењето пари од страна на транснационалните криминални организации, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Според соопштението, мексиканската влада овозможила картелите да учествуваат во производство и транспортот на опасни дроги, „што доведе до смрт од предозирање на стотици илјади Американци“.

Исто така, во Канада се зголемило присуството на мексиканските картели кои управуваат со лаборатории за синтеза на фентанил и нитазен. Неодамнешно истражување укажа на зголемено домашно производство на фентанил во Канада, се истакнува во соопштението.

„Сето ова ја загрозува националната безбедност на САД, па затоа мораме да го искорениме влијанието на овие опасни картели“, нагласи Белата куќа, додавајќи дека пристапот до американскиот пазар е привилегија, „бидејќи САД имаат една од најотворените економии во светот и најниски просечни увозни стапки“.

За Канада, трговијата со САД сочинува 67 отсто од БДП на земјата, додека за Мексико таа е 73 отсто од неговото БДП, а за Кина – 37 отсто. Трговските врски на САД со овие три земји вкупно сочинуваат само 24 отсто од БДП на земјата. Според тоа, САД имаат огромен трговски дефицит кој во 2023 година надминал еден трилион долари.

Царините и тарифите ќе стапат на сила на 4 февруари, исклучок се стоките што веќе биле испратени пред 1 февруари.

Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека Канада ќе одговори со свои тарифи за увозот од САД и предупреди дека ваквата политика на јужноит сосед ќе ги зголеми цените на производите и ќе биде удар за потрошувачите.

Би можело да ве интересира

Путин за европските лидери: Ќе застанете пред нозете на Трамп, ќе мрдате со опашката пред него

А1он

Канада е подготвена да му возврати на Трамп

Околу 12 милиони долари би се изгубиле во земјава по одлуката на Трамп за замрзнување на програмите за помош во странство

Трамп: Воениот хеликоптер бил во исклучително лоша позиција

А1он

Мадона брутално му се нафрли на Трамп

А1он

Откриена строго чуваната тајна колку е богат Барон Трамп

А1он