Со изградбата на двата клучни автопати, Скопје – Штип и Кичево – Охрид значително ќе се подобри патната инфраструктура во Македонија, ќе се подобри конкурентноста на економијата, а на краток рок ќе се зголемат градежната и останатите активности.
Тоа го оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања по доделувањето сертификати за финансиски менаџмент на вработени во јавниот сектор.
Според Ставрески, во завршна фаза е одобрувањето на кредитите за изградба на автопатите, а законите со кои државата ќе гарантира за исплатата што ќе ја врши Агенцијата за државни патишта ќе бидат во владина процедура во текот на овој месец.
– Од ЕКСИМ банката од Кина добивме потврда дека го поминале таму филтерот и оти исто така нивното Министерство за трговија, кое што е надлежно, ги одобрило проектите. Сега стручните екипи на Министерството за финансии и од ЕКСИМ банката го доусогласуваат финалниот текст на договорот, што значи дека многу бргу, во текот на овој месец, ќе бидат завршени и пуштени во владина процедура, по што следи собраниската процедура за донесување на законите за гаранција затоа што во случајот позајмувач ќе биде Јавното претпријатие за патишта, а Владата ќе ја издаде гаранцијата, рече Ставрески.
Аплицирањето на Владата за поволните кредити што ги одобрува кинеската Влада и ЕКСИМ банката, посочи, е направено врз основа на студии за тоа колку ќе чинат и за нивна изводливост.
– Нашите пресметки се дека ќе чинат толку колку што сега одобри кинеската Влада, односно ЕКСИМ банката. Предвидената вредност на проектите е целосно покриена, а доколку во текот на изградбата, како и за секој крупен проект, се случи на терен да има потреба од поголеми трошоци тогаш ќе разговараме за тоа како да се дополнат тие средства. Но, во оваа фаза проценката е направена врз основа на сериозни студии од стручни институции, појасни вицепремиерот Ставрески.