Европската наука во 2014 година ќе добие една милијарда евра помалку од европскиот буџет во споредба со оваа година, а сегашното ниво на финансирање ќе биде постигнато дури во 2017 година, објави Ивајло Калфин за време на Петтиот европски самит за иновации во Брисел, соопшти канцеларијата на европратеникот.
– Истражувањето и иновациите се една од ретките области во кои финансирањето во следниот буџетски период е зголемено. Сепак, следните две години ќе има пад во инвестициите, што само делумно ќе биде компензирано со предвремена исплата на суми, договорено од Европскиот парламент, објасни Калфин, кој е известувач на Европскиот парламент за долгорочниот буџет на ЕУ до 2020 година.
За 2014 година ЕК одлучи предвремено да се исплатат 212 милиони евра за наука, поделени меѓу Европскиот истражувачки совет и програмата „Марија Кири“, но сепак во буџетот ќе има нешто помалку од девет милијарди евра, наспроти 10 милијарди од минатата година.
Поради недостиг на средства само осум проценти од парите за наука во 2014 година ќе бидат насочени кон нови, а со останатите 92 отсто ќе се врши исплата на веќе започнати проекти.
Учесниците на Петтиот европски самит за иновации изразија загриженост дека поради недоволните финансиски средства европската наука ги губи лидерските позиции во изминатите години, а економијата значително заостанува зад своите конкуренти.