Високата претставничка за надворешна политика на Европската унија, Каја Калас денеска изјави дека Русија претставува егзистенцијална закана за безбедноста на Европската унија и дека единствениот начин да се реши ова е да се зголемат трошоците за одбрана.
„Русија претставува егзистенцијална закана за нашата безбедност, денес, утре и се додека недоволно инвестираме во нашата одбрана“, рече Калас на годишната конференција на Европската агенција за одбрана (ЕДА).
Калас се согласи со изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека членките на ЕУ не трошат доволно за одбрана.
Трамп претходно овој месец рече дека членките на НАТО треба да потрошат пет отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана, што е значително зголемување од сегашната цел од два отсто, што ниту една земја на НАТО, вклучително и Соединетите држави, во моментов не ја исполнува.
„Времето не е на страната на Русија. Нема сомнеж дека треба да трошиме повеќе за да спречиме војна“, заклучи Калас.