Од јули 2006 година заклучно со јули годинава во Македонија се влезени вкупно милијарда и 800 милиони евра странски инвестиции, што е за цела милијарда евра повеќе отколку во претходниот десетгодишен период кога сегашната опозиција ги креираше економските политики.
Тоа го изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески коментирајќи ги најновите податоци за странските инвестиции во Македонија во јули годинава во износ од 30 милиони евра и од почетокот на годинава од 130 милиони евра.
Според Ставрески, податоците за нивото на странските инвестиции во Македонија се само потврда дека политиката за привлекување странски инвстиции на Владата дава резултати.
– Задоволни сме што и оваа година за седум месеци имаме над 130 милиони евра странски инвестции, што е повеќе отколку целата мината година, но и кумулативно бидејќи привлекувањето странски инвестции е процес и треба да го гледаме во временски период од четири-пет години. За илустрација, од јули 2006 година заклучно со јули годинава во Македонија се влезени вкупно милијарда и 800 милиони евра странски инвестиции, што е за цела милијарда повеќе отколку во претходниот десетгодишен период кога сегашната опозиција ги креираше економските политики, рече Ставрески.
Тоа, додаде, потврдува дека Владата е успешна во реализација на предвидената цел, односно да донесе повеќе странски компании и глобални имиња и брендови, коишто ќе помогнат за зголемување на извозот, на економскиот раст и вработеноста.