Штом се слушна дека идниот американски претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин наскоро може да се сретнат, Белград се понуди како домаќин. Таа опција не е сосема невозможна – и многу би му помогнала на Вучиќ, пишува Дејче веле.
Луѓето во Србија ги обожаваат и рускиот претседател Владимир Путин и идниот американски претседател Доналд Трамп – па што е пологично од тоа Србија да биде местото на историската средба на овие двајца?
Тоа отприлика го објави српскиот претседател Александар Вучиќ на ТВ Пинк.
„Ние сме целосно подготвени да ја гарантираме безбедноста на двајцата претседатели“, рече Вучиќ, тврдејќи дека, за разлика од другите потенцијални домаќини на состанокот, Србија ниту формално, ниту суштински не е членка на воените блокови предводени од САД и Русија.
Така, „мала Србија“, како што често сака да каже Вучиќ, може да влезе во големата игра.
Доколку официјален Белград навистина успее да се сретнат двете светски сили во Србија, тоа несомнено ќе биде потег од кој Вучиќ ќе има политичка корист.
Србија срамежливо се понуди за првата, повторно „историска“ средба меѓу Трамп и Путин, кога милијардерот за првпат стана претседател. Таа средба се најавуваше повеќе од една година, за конечно да се одржи во 2018 година во тогашниот неутрален Хелсинки.
Денеска Финска не доаѓа предвид, бидејќи пред речиси две години стана членка на НАТО во екот на руската агресија врз Украина.
Доналд Трамп се враќа во Белата куќа за седум дена. Неодамна, тој весело им кажа на новинарите во неговата резиденција во Флорида дека Путин сака средба со него, додавајќи: „Во моментов работиме на организацијата“.
Звучеше речиси како завршена работа, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, стави кочница, велејќи дека контактите се неопходни и дека е убаво што постои политичка волја – но дека сè уште нема конкретни подготовки.
Освен Србија, Швајцарија досега се „понуди“ иако не ни приближно гласно.
Според локалниот весник „Темпс“, официјален Берн им сигнализирал на Вашингтон, Москва и Киев дека е подготвен да биде домаќин, но дека земјата официјално нема да преземе дипломатска иницијатива.
Се споменува и Кина, а ќе има понуди и од други места“, изјави за Дојче веле новинарот Момир Турудиќ.
„Важно е местото да биде симболично, удобно за двете страни, без тензии. Така, тешко дека тоа ќе биде Кина, иако никогаш не се знае со Трамп“ рече тој.
Србија, вели Турудиќ, е речиси единствената европска земја освен Белорусија – и гореспоменатата Швајцарија – каде Путин сепак би бил добредојден. И во која тој не би морал да се плаши од апсење по налог на Меѓународниот суд.