Во електронското списание „Body“, што излегува во Прага, деновиве е објавен расказот „Големиот куфер“ (The Giant Suitcasе) на македонскиот автор Иван Додовски.
„Големиот куфер“ е наслов и на збирката од девет раскази од Додовски објавена во 2005 година од издавачката куќа „Темплум“, која е преведена на германски јазик и беше промовирана на Меѓународниот саем на книгата во Лајпциг.
Тоа е втор негов расказ што излегува на англиски јазик во „Body“ по објавата на расказот „Уметник на револуцијата“ (Artist of the Revolution) во јули годинава.
Иван Додовски (Битола, 1974) досега објавил и три поетски книги и голем број театарски и книжевни критики и научни статии. По докторирањето на Универзитетот „Нотингем“ во Англија, тој работи како професор на Универзитетот „Американ колеџ“-Скопје.
Преведувач на неговите раскази е Вил Фирт (Њукасл, Австралија, 1965) кој од 1991 живее во Берлин. Фирт преведува од руски, српски и од македонски јазик на англиски и на германски. Негов најважен превод досега беше „Пиреј“ на Петре М. Андреевски.
„Body“ е дел од прашката книжевна сцена од 2012 година и има цел да ја промовира чешката книжевност во светот, но списанието е отворено и за прилози од други литератури, особено од централна и од источна Европа. Редовно објавува нови преведени раскази, рецензии и интервјуа со автори. Уредниците на списанието се од Шкотска, САД и Канада.