По повод Светскиот ден на преведувачот – 30 Септември, денеска во Друштвото на писатели на Македонија се одржа традиционалниот свечен собир на македонските книжевни преведувачи на кој Повелбата „30 Септември“ за 2013 година му беше врачена на Здравко Божиновски, книжевен преведувач од Битола, а лауреат на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ е Расул Шабани.
Добитникот на Повелбата „30 Септември“ Божиновски истакна дека ова високо признание за него претставува општествена валоризација за се што досега постигнал во оваа област.
– Благодарение на финансиската поддршка од Министерството за култура, а по повод од 200 години од Бородинската битка и 170 од убиството на Лермонтов, оваа година од печат излезе големата збирка со поезија од тројцата руски класици: Лермонтов, Есенин и Пушкин со 9.000 стихови и 170 страници биографски страници и коментари за песните што книгата ја прави полезна за студентите и учениците, рече Божиновски.
Наградата „Григор Прличев“ ја доби Драги Михајловски за преводот на македонски јазик на целокупното драмско творештво на Шекспир и на неговите сонети, лауреат на наградата „Божидар Настев“ е Елисавета Поповска за преводот на романот „Опасни врски“ од Шадерло де Лакло. Наградата „Ванѓа Чашуле“ и е доделуена на Офелија Ковилоска за преводот на романот „Патување до крајот на ноќта“ од Луј-Фердинан Селин.
Наградата „Архиепископ Гаврил“ за најуспешен превод од сферата на духовната литература ја доби јеромонахот Атанасиј Арсоски за преводот од грчки јазик на делото „Светоотечко богословие“ од протопрезвитер Јован Романидис, а добитник на наградата „Абдуљазис Ислами“ е Џабир Ахмети за неговиот препев на албански јазик на Зборникот на Миладиновци.
Со „Златно перо“ се наградени Атила Балаж од Унгарија, за препевот на унгарски јазик на книга со избрани стихови од македонскиот поет Раде Силјан што под наслов „Огледало на вековите“ годинава ја објави унгарското книгоиздателство „АБ-Арт“, Анастасија Ѓурчинова, за преводот од италијански јазик на интегралниот текст на „Декамерон“ од Бокачо, Марија Гиревска, за преводот од англиски јазик на романот „Улис“ од Џејмс Џојс, Звонко Таневски за превод од словачки јазик на прозното дело „Патагонија“ од Душан Митана, и Владимир Јанковски за преводот на романот „Пенелопијада“ од Маргарет Етвуд, во издание на Конгресниот сервисен центар од Скопје.