Фудбалерите на Манчестер Јунајтед го совладаа Манчестер Сити со 2:1 во 16. коло од англиската Премиер лига.
Дербито на Манчестер во целост ги оправда очекувањата, бидејќи видовме многу интересна игра, бидејќи беше возбудливо и неизвесно до самиот крај.
Граѓаните подобро влегоа во натпреварот, а се заканија веќе во 21. минута, кога Фил Фоден шутираше од работ на шеснаесетникот, но не беше доволно прецизен.
А потоа во 36. минута домашните дојдоа до водство. Кевин Де Брујн испрати феноменална долга топка, а Јошко Гвардиол ја следеше и скокна и со глава ја упати топката во горниот лев агол.
Домашниот тим можеше да го удвои водството во судиското надополнување на првото полувреме, кога Фоден имаше шанса по соло продор, но Онана го одбрани неговиот удар.
Во вториот дел Јунајтед беше малку поконкретен. Најпрвин во 63. минута се закани Диало, а потоа минута подоцна Хојлунд беше соборен во шеснаесетникот, но немаше пенал.
Во 75. минута токму данскиот репрезентативец го ангажира Бруно Фернандеш, но тој не беше доволно прецизен.
И токму кога се чинеше дека Сити ќе победи, работите тргнаа во пресврт од 360 степени.
Во 86. минута беше досуден пенал, откако Нунес го собори Диало, а Бруно Фернандеш беше прецизен во неговото изведување.
Домашните по изедначувањето немаа време да стартуваат, а веќе се виде уште еден гол.
Се играше 90. минута, кога налета Амад Диало и го совлада Едерсон, по одличната топка на Лисандро Мартинез.
Со тоа заврши дербито на Манчестер, а „Ѓаволите“ остварија голема победа.