Џон Алфред Тинсвуд, најстариот човек на светот, почина на 112-годишна возраст во Велика Британија, потврди неговото семејство.
Тој беше „опкружен со музика и љубов“ во моментот на неговата смрт во понеделникот во домот за стари лица во Саутпорт.
Роден е на 26 август 1912 година – годината кога потона Титаник – и стана најстариот човек на светот во април 2024 година, кога Хуан Висенте Перез Мора почина на 114-годишна возраст.
Потоа и официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди.
Тој ја остави ќерката Сузан, внуците Анучка, Мариса, Тоби и Руперт и правнуците Табита, Калум и Нива.
„Беше интелигентен, решителен, храбар, смирен во секоја криза, талентиран за математика и одличен соговорник“, велат од неговото семејство.
Сето тоа го искористи за време на Втората светска војна, кога работи во британската армија за да најде изгубени војници и да организира резерви на храна.
Тој ја запозна сопругата Блодвен на танц и се венчале во 1942 година.
Тие беа заедно 44 години, таа почина во 1986 година.
По Втората светска војна, тој работел во поштата, подоцна како сметководител за Шел и БП, а во 1972 година бил пензиониран.
Неговото семејство вели дека тој бил „активен пензионер“ и волонтирал во црквата.
За себе во интервју за Би-Би-Си изјави дека бил „прилично активен како млад“ и дека „шетал многу“, но дека не знае зошто живее толку долго.
Тој инсистираше на тоа дека не се разликува од другите.
„Или живеете долго или живеете кратко – нема многу што можете да направите за тоа“ рекол своевремено Тинсвуд.
Не држел диета, вели, освен што секој петок јадел риба и чипс.
Омилениот фудбалски клуб Ливерпул е основан само 20 години пред неговото раѓање.
Тоа значи дека Тинсвуд не доживеа само два од 66-те најголеми трофеи на „црвените“ – првите две титули во 1901 и 1906 година.
Тој се преселил во домот во Саутпорт непосредно пред неговиот 100-ти роденден.
Неговата добрина и ентузијазам за живот биле инспирација за вработените во домот и за сите што живееле таму, велат од неговото семејство.
Откако наполни еден век, секоја година добиваше роденденска честитка од кралицата Елизабета, а подоцна и нејзиниот син, кралот Чарлс.