Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден изјави денеска на самитот на Групата 20 (Г20) во Рио де Жанеиро дека сите мора да бидат посветени на ставање крај на конфликтите и кризите кои го поткопуваат напредокот и безбедноста ширум светот. Нагласувајќи дека САД силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Тоа беше прво јавно обраќање на Бајден откако медиумите во неделата објавија дека му дал дозвола на Киев да ја гаѓа руската територија со американски ракети со долг дострел, објави Њујорк пост.
Бајден директно не ја спомна одлуката да и се дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел на самитот, на кој спроти него седеше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„САД силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Според мене, сите на оваа маса треба да го прават истото“, рече Бајден.
На средбата, на која се разговара за борбата против сиромаштијата и гладот, Бајден рече дека руската инвазија на Украина доведе до рекордни цени на храната во историјата.
Медиумите, вклучително и Њујорк Тајмс и Ројтерс, во неделата објавија дека Бајден одобрил Украина да ги користи тактичките ракетни системи на американската армија (ATACMS) за напади на руска територија, пренесува Танјуг.