Северна Кореја би можела да испрати до 100.000 војници за да и помогне на Русија во војната против Украина, доколку соработката меѓу Пјонгјанг и Москва продолжи да се продлабочува, велат луѓе запознаени со најновите проценки на Г-20.
Ова е само една анализа на партнерството во развој меѓу рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, изјавија луѓето кои сакаа да останат анонимни. Тие нагласија дека таквиот развој на настаните не е неизбежен и дека воената поддршка од ваков размер најверојатно ќе се случи преку ротација на војниците со текот на времето, пишува Блумберг.
Слична оценка имаше и украинскиот амбасадор во Јужна Кореја на почетокот на ноември. Во интервју за Гласот на Америка, Дмитро Пономаренко рече дека Киев очекува приближно 15.000 севернокорејски војници распоредени во рускиот регион Курск – а можеби и во окупираните територии на источна Украина – да се менуваат на секои неколку месеци.
Одлуката на Ким да испрати севернокорејски војници да се борат во Украина ги вознемири сојузниците на Киев, кои предупредија дека ризикува да го влоши најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна. Тие веруваат дека продлабочувањето на соработката меѓу Путин и Ким може да влијае и на безбедносната рамнотежа во индо-пацифичкиот регион, каде што расте ривалството меѓу Кина и САД. Ова прашање ќе го покренат неколку сојузници на самитот на Г-20 во Бразил оваа недела, вклучувајќи го и германскиот канцелар Олаф Шолц, кога ќе се сретнат со кинескиот претседател Си Џинпинг.