Министерот за јавна администрација Горан Минчев учествувал и се обратил на регионалниот состанок посветен на Партнерството за отворена власт (ПОВ), што се одржува во Тирана, Албанија, во организација на Партнерството за отворена власт и Владата на Република Албанија, во соработка со Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА).
Како што денеска соопштија од Министерството за јавна администрација, во своето излагање Минчев ги истакнал нашите ридобивки, како членка на иницијативата за Партнерството за отворена власт од 2011 година, значително придонесе за промовирање на транспарентноста, отчетноста и граѓанското учество во јавните политики.
– Задоволство е да се биде дел од овој Регионален состанок посветен на Партнерството за отворена власт, иницијатива која направи видливи разлики во нашите општества и претставува инспирација за изнаоѓање на иновативни решенија за новите предизвици пред кои сме исправени, истакнал министерот Минчев.
Во однос на напорите што ги правиме во областа на антикорупциските политики и градењето на доверба во институциите, Минчев потенцирал дека реформата на јавната администрација е основа за ефикасно и одговорно владеење.
– Нашата заложба е насочена кон создавање модерна, професионална и транспарентна администрација, каде што административните службеници работат одговорно и се посветени на обезбедување квалитетни услуги за граѓаните, нагласил министерот Минчев.
Тој додал дека донесувањето на новите законски решенија се одвива преку инклузивен процес во соработка со граѓанското општество и експертската заедница, што придонесува за намалување на корупцијата и зголемување на отчетноста.
Како посебен успех, министерот Минчев ја издвоил подготовката на шестиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2024-2026 година.
– Оваа година, во процесот на креирање на Националниот акциски план активно учествуваа претставници од граѓанскиот и јавниот сектор. Планот е насочен кон транспарентност, отчетност и содржи посебни заложби за отворена влада, отворен парламент и отворено судство, посочил министерот.
Меѓу другото министерот Минчев ја истакнал и важноста на постојаната соработка со граѓанските организации и граѓаните во справувањето со актуелните предизвици и унапредувањето на доброто управување. Тој нагласил дека Владата организира редовни јавни консултации и дебати, преку кои се создаваат можности за граѓаните да дадат свој придонес во процесите на креирање јавни политики.
– Владата работи на одржување на транспарентен и инклузивен дијалог со сите засегнати страни, што овозможува поголема отчетност и креативност во решавањето на сложените предизвици, изјавил министерот.
Како што стои во соопштението, ова учество на министерот Минчев во регионалниот состанок на ПОВ дополнително го потврдил ангажманот на нашата земја за развој на инклузивно и отчетно општество, преку продлабочена соработка со граѓанското општество и активно вклучување на граѓаните во јавните политики.