Одржливата, базната и домашната енергија ќе бидат приоритет на новата Влада. Тоа вклучува изградба на базни енергетски објекти, когенеративни електрани на гас, ветерни и соларни електрани и модернизација на РЕК Битола и усогласување со највисоките еколошки стандарди, како и конечно завршување на гасоводната мрежа. Имаме визија од земја која увезува електрична енергија да станеме земја која произведува доволно струја за сопствените потреби, а понатаму можеби и да извезува, порача денеска министерката за енергетика Сања Божиновска.
Нагласи дека за таа намена се планира реализација на капитални инвестиции и истакна дека концептот за формирање на Министерство за енергетика, рударство и минерални суроивини е првиот чекор на ставање ред во енергетиката преку конкретен мониторинг, планирање, реализација и контрола.
-Гасоводната мрежа, нешто што почна да се гради пред 13 години, е од круционално значење за намалување на потрошувачката на електрична енергија и за изградба на нови капацитети, рече Божиновска на отчетот за 100 дена Влада.
Порача дека транспарентноста ќе им биде приоритет зашто јавноста треба да знае за се што се работи во енергетскиот сектор и додаде дека нема да се заборават ни модернизацијата на преносната мрежа и енергетските интерконекции.
– Работиме на интензивирање на работите и конечно завршување на клучните интерконекции и долгорочни инвестиции во обновливите извори на енергија. Цел ни е да бидеме лидер во зелената енергија, создавајќи одржлива иднина не само за сегашните, туку и за идните генерации, рече Божиновска.
Тоа, како што посочи, значи изградба на нови извори на обновлива енергија, но не само како приватни инвестиции, туку и како капацитети во сопственост на државата.
-Посебно внимание ќе и посветиме на енергетската ефикасност што вклучува изградба на фотоволтаици на покривите на домовите, градинките, училиштата и другите јавни објекти и поттикнување во компаниите, потенцира Божиновска.
Потсети на чекорите што се веќе преземени и што ни претстојат, кои, како што кажа, имаат за цел да ја консолидираат состојбата во енергетиката и да ја обликуваат енергетската иднина. Истакна дека наследиле катастрофална состојба.
– Се соочуваме со префрлени обврски од неодговорното однесување на претходниците. Изминатите три години не е платен ниту денар на име субвенционирана струја. Тоа што го гледавме на сметките дека Владата го покрива како трошок за електрична енергија за граѓаните не е платено. Сметката стигна сега – 60 милиони евра е долгот кон ЕВН во однос на ова што го имаме. Како држава изгубивме арбитража со ОКТА во износ од 24 милиони евра кои граѓаните допрва треба да ги платат. Од МЕПСО давани се донации во износ од 23 милиони денари на организации, фитнес клубови, здруженија, а при тоа се уште не е наплатен долгот од 14 милиони евра каде е инволвиран син на функционер на ДУИ. Дури 80 милиони евра е минусот на ЕСМ, а катастрофална е и состојбата во РЕК Битола каде производствената цена на електричната енергија беше 33 евра за мегават час во 2017 година, а сега е 133 евра, рече Божиновска.
Не е изграден, додаде, ни далекуводот со Албанија, а има 1,5 милиони евра провизија за неповлечени средства. Нема ни А од Александропули освен што имаме платено 2,5 милиони евра за закуп на капацитет.
Порача дека веќе е започната ревизија на работата на енергетските компании, како и модернизација на инфраструктурата, потпишан е договор со ЕБОР за обнова и зајакнување на електропеносната енергетска мрежа со што ќе може да се приклучат обновливи извори на енергија со инсталирана моќ од околу 1.170 мегавати. МЕМО од неодамна стана член набљудувач на АИБ, се врати транспарентноста во купувањето електрична енергија од страна на ЕСМ, профункционира Советот за праведна транзиција.