Минчев: Каков било коментар од колегите од Вреди е беспредметен, мора да ги почитуваме законите

Од:

Каков било коментар од колегите од Вреди е беспредметен. Ние како министри мора да ги почитуваме законите, се надевам дека и нивната интенција е да се почитуваат законите, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев во врска со несогласувањата со коалицијата Вреди за примена на дигиталната алатка Балансер за вработување на етничките заедници во јавниот сектор.

По реакциите на коалицијата Вреди, со која партијата ЗНАМ е заедно во владина коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според кои е нефункционално решение новиот начин на приемна на Балансерот, со земање на процентот на резидентното население, а не и на дијаспората, Минчев истакна дека не отстапува од она што го пишува во законот.

– Во Законот за вработени во јавниот сектор децидно стои дека Балансерот се однесува исклучиво на жителите, на граѓаните коишто се на територијата на Република Македонија, т.е. резидентното население, и јас како министер нема да отстапам од почитувањето на законите во таква форма во каква што сега се напишани, изјави Минчев по отворањето на првата од серијата дискусии за реформи во јавната администрација.

Додаде дека во неговите изјави деновиве укажувал оти во изминатите години оваа алатка е злоупотребувана од сите етнички заедници за да се вработат во јавните институции.

-Балансерот е воопшто злоупотребуван. Тоа значи дека Македонци се пишувале Албанци, дека Албанци се пишувале Македонци, дека припадници на другите етнички заедници се пишале или Македонци или Албанци со цел да се вработат во јавните институции. Целта на Балансерот е да има правична застапеност на етничките задници. Она што во коментар го дадов вчера е спроведување и почитување на законите, истакна министерот.

На новинарско прашање дали различните толкувања за примената на Балансерот со коалицискиот партнер во Владата може да доведе до отпор или блокада од страна на Вреди при носењето на клучните закони за јавниот сектор, за кои беше посветена и денешната дебата, Минчев одговори дека очекува консензус за законските решенија.

-На оваа дебата имаше и претставници на Владата коишто се од редовите на Вреди. Јас мислам дека овие дебати ќе ги исцрпат тие можности и мислам дека ќе дојдеме до заеднички законски решенија, затоа што никој не е индивидуалец во оваа Влада. Сепак, ова се закони коишто ќе ги донесе новата Влада, односно ќе ги донесе Парламентот, но по предлог на Владата. Министерството за јавна администрација е носител на овие законски решенија и се надевам дека ќе имаме консензус по предлог-текстовите на новите закони, додаде Минчев.

Би можело да ве интересира

Минчев: ЕК оцени дека реформата на јавната администрација се движи со умерен напредок

СДСМ: Минчев потврди дека и тој и неговата партија се безгласна буква во кабинетот на Мицкоски

Горан Наумовски

Минчев: Треба да се донесе закон за правична застапеност кој ќе биде долгорочен и применлив

Фатон Ахмети: Со последната одлука на Уставниот суд не е оштетен само „балансерот“ како начин за решавање на правичната застапеност, туку целиот процес

Меџити: Не е проблем законот за правична застапеност да биде испратен до Венецијанската комисија пред да се донесе

(ВИДЕО) Никодиновска: Пред избори едно,после избори полошо, со ДПМНЕ и ЗНАМ балансерот ќе стане закон