Поранешниот командант на Единицата за специјални операции, Милорад Улемек Легија (55), кој издржува 40-годишна затворска казна во Забела, Пожаревац, ќе остане уште две години во најчуваниот дел на тој затвор, т.н. „Алкатраз“.
– Вишиот суд во Белград, поточно претседателот на судот, донесе решение со кое му ја продолжи затворската казна на осудениот Милорад Улемек во специјално одделение за издржување казни за кривични дела организиран криминал. Издржувањето на казната во овој режим, според оваа одлука, може да трае најмногу две години. Против ова е дозволена жалба до претседателот на Апелациониот суд во Белград во рок од три дена од приемот на решението, под услов жалбата да не го одложи извршувањето – потврдија за Курир од Вишиот суд во Белград.
Улемек е осуден на четири максимални казни од 40 години затвор за организирање на убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, за четирикратно убиство на автопатот Ибарска, за убиството на Иван Стамболиќ и обидот за убиство на Вук Драшковиќ.
Да потсетиме, тој е во затвор од 2004 година, а во „Алкатраз“, каде важат особено строги мерки, од 2010 година. Како што пишува српски Курир, тој бил првиот жител на овој „затвор во затвор“.
– На секои две години се преиспитува одлуката дали ги исполнил „условите“ да биде префрлен во некој од „послободните“ павилјони на Забела. Секогаш кога Вишиот суд му го продолжуваше престојот на Улемек во најстрог режим, тој се жалеше до Апелациониот суд, но жалбите секогаш беа одбивани – потсетува соговорникот на Курир.
Инаку, поради тоа што во овој дел од затворот Забела осудениците немаат право на љубовна соба и брачни посети, Легија лани стапи во штрајк со глад, но набрзо беше прекинат.