Во пукање во градот Метуен во државата Масачусетс седум лица се ранети, а осмото е повредено бегајќи од метежот што настанал на голем собир на млади луѓе, соопштија локалните власти.
Пукањето почнало нешто пред два часот по полноќ за време на забавата на која се собрале стотици млади луѓе, соопштија локалните власти на прес-конференција, истакнувајќи дека сите ранети се млади луѓе, на возраст до 22 години, од кои двајца се во критична состојба .
„Ова е уште еден трагичен случај на оружено насилство. Неверојатно е што со оглед на количината на балистички докази што ги најдовме, немаше повеќе повредени“, рече обвинителот на округот Есекс, Пол Такер.
Властите одбија да кажат колку лица се осомничени.
“Обично овие средби вклучуваат многу гласна музика, непредвидливо однесување, понекогаш прекумерно консумирање алкохол. Се обидуваме да преземеме превентивни активности онаму каде што можеме и најчесто сме успешни. За жал, синоќа доживеавме трагичен инцидент”, изјави началникот на локалната полиција Скот Мекнамара.