Фестивалот „Преку езерото“ отвора Конкурс за дипломски краткометражен игран или документарен/експериментален филм

Од:

В понеделник, 17 јуни, почнува Конкурсот за дипломски краткометражен игран или краткометражен документарен/експериментален филм, што е дел од годинашниот Фестивал на медитерански и балкански филм „Преку езерото“. Конкурсот е наменет за студентите од Факултетот за драмски уметности при УКИМ и од Универзитетот „Еуропа Прима“ – Скопје, од класата режија за филм и телевизија, а филмот со кој ќе учествуваат треба да биде нивна дипломска работа.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, на Конкурсот ќе се финансираат најмногу три проекти со по 100 000, 80 000 и 60 000 денари.

Пријавите треба да се доставуваат на македонски јазик и исклучиво електронски на [email protected]. Предност ќе имаат авторите кои ќе изберат локации за снимање во југоисточниот дел на земјава или кои живеат и работат таму, за што поголема регионализација на филмската индустрија, културата и уметноста.

Ќе се направи и напор филмовите од Конкурсот да бидат прикажани надвор, на некој А или Б фестивал, со цел промовирање на нашите млади автори и нивно насочување за натамошно користење на европските филмски фондови.

-Конкурсот почнува во понеделник и ќе трае до 15 јули. Сите апликации ќе бидат разгледани и ќе се направи селекција. Идејата е младите автори да бидат дел од фестивалска атмосфера, да запознаат сериозни луѓе, да разменат искуства, да се претстават себе си, да им овозможиме на поголема врата да пристапат кон светот, да не бидат инфериорни, да бидат слободни и силни, да се чувствуваат како господари на сопствената уметност, а Фестивалот да им биде порта кон животот, Ќе бидеме пресреќни ако еден од нив за пет години дојде со долгометражен игран или документарен филм. Инвестициите во деца и во млади се најдобрите инвестиции во општеството, истакна директорот на Фестивалот Јани Бојаџи.

Според претседателката на Советот на Фестивалот, Мими Ѓорговска Илиевска, целта на Конкурсот е да се поттикнат дипломците од факултетите за филмски уметности да создаваат квалитетни производи, а истворемено да бидат инволвирани и едуцирани во целокупниот процес на создавањето филмско дело од аплицирање, преку изработка на синопсис, сценарио, до креирање на буџет.

-За квалитетна филмска национална продукција, најбитно е создавање квалитетни, едуцирани млади филмски кадри, потенцира Ѓорговска Илиевска.

За учество на Конкурсот, филмовите треба да се со должина до 15 минути, да бидат реализирани и подготвени за киноприкажување до 1 јули 2025 година и премиерно да бидат прикажани на Фестивалот „Преку езерото“ идната година. Авторите треба да испратат синопсис, играно сценарио, карактеризација, режисерска, продуцентска и продукциска експликација, како и други визуелни или наративни содржини кои подобро го претставуваат филмот.

На Конкурсот не може да учествуваат продукции, здруженија или трговски друштва. Средствата се доделуваат на режисерот или продуцентот и тие одлучуваат за буџетот и начинот на трошење на парите во соработка со продукцијата „Синемон медија фактори“. Режисерот и продуцентот (кој може да е дипломиран, но ова да му е дебитантски, самостоен проект) може да се пријават и заедно, што ќе се смета за предност, но право на „фајнл кат“ има режисерот.

Трите филма кои ќе ги добијат грантовите ќе бидат избрани најдоцна до 10 август 2024 година.

-Најдобро ќе биде директорот на фотографија да биде дебитант и сценографот да биде дебитант. Севкупно, сакаме дебитантски прв филм. Тука ќе бидеме за време на целиот процес, ќе нудиме помош, целосна опремена камера, сет објективи, филмско светло, две до три возила. Останува само да се одлучи текот на пред продукцијата, избор на локации и актери и да се влезе на монтажа, Дејан Милошeвски.

На прес-конференцијата, директорот Бојаџи најави најави исклучително сериозна и атрактивна фестивалска програма, со филмови од 15-на земји. Фестивалот ќе почне на 31 јули со програма за деца и млади, а во официјалната програма, рече, ќе има пет долгометражни филмови од кои четири играни и еден документарен. Филмовите, според Бојаџи, се од три европски и две медитерански земји, а на публиката ќе и понудат „спој од медитеранска страст и лудост и европска фокусираност и јасност“. Селектор на прогарамата е Небојша Јовановиќ.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот