Очекувам, независно од постизборната констелација во Европската Унија, проширувањето да остане на агендата на идната Европска комисија. Ова е важно бидејќи проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова која се обрати на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Скопје.
Според Сиљановска Давкова, и покрај досегашните неспорни постигнувања, сведоци сме на забавување во регионалната соработка, особено изминативе години, поради стагнацијата во европската интеграција, недоволната инфраструктурна и енергетската поврзаност, демографското стареење и масовното иселување на младите.
Сето ова, рече таа, кулминираше со руската агресија против Украина, што е закана за мирот и стабилноста, но и за човечката и енергетската безбедност и безбедноста на храната.
Според претседателката, довербата се гради преку одрекување од двојните стандарди и почитување на правото и правдата, на принципите на меѓународното право, вклучително и преку немешање во внатрешните работи на државите.
„Во контекст на европската интеграција, тоа подразбира дека учесниците во Процесот од регионот мора да инсистираат на копенхагенските критериуми како единствен услов за членство во ЕУ. Ветото е спротивно не само на логиката на Европската Унија, туку и на просперитетот на целиот регион. Наместо меѓусебно да се блокираме, ние треба да се однесуваме скандинавски, да соработуваме и да се поддржуваме едни со други“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Во однос на европските реформи, според претседателката, на регионот не му е потребна гола ЕУ-реторика, туку доследна ЕУ-логика.
„Со други зборови, ни треба демократска политичка култура, владеење на правото и функционална правна држава, човекови права и фундаментални слободи, стручна и компетентна администрација и компетитивна економија. А најдобар, најефикасен начин за имплементирање на овие европски придобивки се преговорите и членството“, рече претседателката.