Најмалку 274 Палестинци беа убиени во саботата во израелски воздушен и копнен напад како дел од операцијата за спасување на четворица заложници кои ги држеше Хамас, соопшти денеска Министерството за здравство во окупираната палестинска енклава.
Палестинското Министерство потврди дека околу 700 луѓе биле повредени за време на саботната израелска операција, пренесува АП.
Координираниот израелски напад длабоко во централниот дел на Појасот Газа беше најголемата операција за спасување заложници од 7 октомври, кога Хамас и други пропалестински милитантни групи ја преминаа израелската граница, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа околу 250 заложници.
Израел започна масовна воена офанзива како одговор на упадот на Хамас во кој загинаа повеќе од 36.700 Палестинци од 7 октомври, се вели во соопштението на палестинското Министерство за здравство, нагласувајќи дека израелските сили не прават разлика меѓу цивили и борци.