Министерството за правда извести дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.
-Почитувани граѓании и непочитуван г. Ковачки, Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски. Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда, напиша Лога на фејсбук.
Палевски е осомничен за грабнувањето и двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски. По распишаната меѓународна потерница беше фатен во турскиот град Беликесир, каде од декември е во екстрадициски притвор.
За соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.
Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, кој е осомничен за помагање при бегството.