Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека „мора да се направи повеќе“ за да се запрат пропалестинските протести кои се проширија на голем број американски универзитети.
„Она што се случува на американските универзитетски кампуси е ужасно. Тоа е несовесно. Тоа мора да се запре и недвосмислено да се осуди“, рече израелскиот премиер во снимената изјава, обвинувајќи ги „антисемитските толпи“ за преземање на водечки американски универзитети, пренесува Ројтерс.
Нетанјаху оцени дека одговорот на неколку претседатели на универзитети е „срамен“ и рече дека мора да се направи повеќе за да се запрат овие протести.
Протестите поради израелските воени акции во Појасот Газа се проширија на голем број американски универзитетски кампуси.
Пропалестинските студентски демонстранти повикаа на прекин на огнот и бараа нивните универзитети да ги прекинат врските со компаниите поврзани со Израел.
Универзитетските власти суспендираа десетици студенти, а голем број демонстранти беа уапсени.