Утврдeн е изгледот на гласачкото ливче за изборите за претседател на државата и за пратеници

Од:

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево на седница го утврди изгледот на гласачкото ливче за изборите за претседател на Република Северна Македонија и за изборите за пратеници.

Членот на ДИК, Борис Кондарко нагласи дека бидејќи гласачкото ливче има и одредени елементи на заштита, тој дел од оваа точка ќе биде затворен за јавноста.

-Во отворениот дел од седницата, ние треба да ја информираме јавноста согласно одредбите од Изборниот закон кои ќе ги цитираме како е уредено во законот и сето она што е наведено во законот како и на секои избори досега ние ќе го имплементираме во изгледот и во содржината на гласачкото ливче. Меѓутоа, бидејќи гласачкото ливче има и одредени елементи на заштита исто како и на секои избори, само во делот кој ги содржи тие посебни вградени или сокриени заштити во содржината на гласачкото ливче, тој дел од оваа точка ќе биде затворен за јавноста согласно одредбите од Деловникот, заради безбедносни причини што е во интерес на законитоста на изборниот процес. Така што, нема дилеми кај јавноста дека ние нешто правиме зад затворени врати, рече тој.

Кондарко цитираше членови од Изборниот законик кои ги содржат сите елементи кои ќе бидат вградени во содржината и изгледот на гласачкото ливче.

-Согласно членот 93, гласачкото ливче се печати на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Името на подносителот на листата, името и презимето на кандидатот односно носителот на листата се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо. За припадниците на заедниците, името на подносителот на листата, името и презимето на кандидатотл односно носителот на листата се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и на јазикот и писмото на заедницата на која тие припаѓаат. Во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик гласачките ливчиња за избори се печатат покрај на македонски и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина, рече тој.

Со членот 94 од Изборниот законик, на гласачкото ливче ако има кандидати односно носители на листа со исто име и презиме тогаш се наведува и почетната буква на нивното средно име. На гласачкото ливче кандидатите, односно поднесителите на листи се наведени по оној редослед кој е утврден во единствената листа на кандидати. Гласачкото ливче содржи дел за гласање и дел кој останува на кочанот.

Членот 95 предвидува делот од гласачкото ливче за гласање за избор на претседател на Републиката содржи назив на гласачкото ливче, општина и број на гласачкото ливче за гласањето во Република Македонија, назив на гласачко ливче и седиште на дипломатско-конзуларно претставништво во странство, реден број, име и симбол на подносителит на листата ако го има. Делот на гласачкото ливче што останува на кочанот на блокот го содржи серискиот број на гласачкото ливче, општината, односно седиштето на дипломатско-конзуларно претставништво, односно конзуларните канцеларии и бројот на гласачкото место. Во називот на гласачкото ливче е содржано знамето на Република Македонија.

Членот 96 се однесува на гласачкото ливче за пратеници и делот од гласачкото ливче за гласање на пратеници содржи назив на гласачко ливче, број на изборна единица, општина и број на гласачко место, реден број, име и симбол на подносителот на листата ако го има, името и презимето на носителот на листата врз основа на податоците од матичната евиденција. Делот од гласачкото ливче кое останува на кочанот на блокот содржи сериски број на гласачкото ливче, број на изборната единица, општината и број на гласачкото место. Во називот на гласачкото ливче се содржани бројот на изборна единицаи знамето на Република Македонија.

Дитмире Шеху, потпретседател на ДИК предложи гласачкото ливче низ цела територија на Република Северна Македонија да биде двојазично, но предлогот не беше прифатен.

-Согласно член 6 став 1 од Законот за употреба на јазиците, сите граѓани што го користат најмалку 20 проценти треба да им се овозможи нивната комуникација и нивните процедури на јазикот кои тие го зборуваат. И согласно листите кои се доставени до ДИК кандидатот Бујар Османи листата ја има доставено двојазично и затоа предлагам гласачкото ливче низ цела територија на Република Северна Македонија да биде двојазична. Исто така, согласно член 23 став 5 од Законот за употреба на јазиците каде пишува многу јасно наведено дека сите закони кои не се користат во делот на употреба на јазиците, не се хармонизирани со законот за употреба на јазиците е во сила Законот за употреба на јазиците. Во овој дел членот 93 став 4 од Изборниот законик не треба да е во сила, туку е во сила членот 93 став 5 од Законот за употреба на јазиците, рече Шеху.

Откако предлогот на Шеху не доби поддршка од членовите на ДИК, таа во процедурално обраќање потенцира дека тоа што го кажа денеска на седница согласно Деловникот и согласно Изборниот законик ќе биде во делот на одлуката како издвоено мислење кое ќе го достави до службите да го стават како составен дел од одлуката за изгледот на гласачкото ливче.

Претходно ДИК на седница ги потврди листите со кандидати за пратеници на Парламентарните избори закажани за 8 мај, а утре ќе ја одржи ждрепката за редните броеви на гласачкото ливче за Парламентарните избори.

Би можело да ве интересира

Пендаровски прв на гласачкото ливче, ДИК ја одреди ждрепката за првиот круг

A1on