Ликвидноста на буџетот е добра бидејќи при неговото планирање беа извршени внимателни анализи и беше обезбедена стабилна рамка за финансирање, чијашто основа се реално планираните буџетски приходи, како и обезбедените средства од меѓународни извори, под поволни услови, нагласува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за неделникот „Република“.
Одговарајќи на прашањето како ги коментира црните прогнози на опозицијата од декември лани дека ако се донесе буџетот, дека Македонија ќе банкротира за шест месеци, Ставрески потенцира дека за жал, опозицијата постојано има неконструктивен пристап и неаргументирано пласира црни сценарија за Македонија.
– Така беше сите изминати години, така е и оваа. Еве поминаа осум месеци од 2013 година, македонската економија има трет најдобар резултат во Европа, редовно се исплаќаат сите обврски од буџетот, долгот е и натаму четврт најмал во Европа. Каде е крахот што го најавуваа опозиционерите? Јавноста може да процени кој беше во право и дали се исполнија нивните сценарија, вели министерот за финансии.
Обврските од буџетот редовно се сервисираат, посочува Ставрески, при што навремено се исплаќаат пензиите, платите и социјалната помош.
– Како што беше најавено, заклучно со февруари 2013 година целосно се исплатија обврските кон стопанството во износ од 92 милиони евра, од кои 52 милиони евра обврски по основа на поврат на ДДВ и 40 милиони евра за реализирани проекти. Со тоа Македонија е една од ретките земји од регионот што се раздолжи кон стопанството, што беше потврдено и од меѓународните финансиски институции. Оттогаш редовно се извршуваат обврските кон стопанството и навремено се врши повратот на ДДВ, подвлекува тој.
Токму оваа ликвидносна инјекција, нагласува министерот Ставрески, многу помогна македонските фирми да имаат солидни резултати во услови на голема економска криза, посебно кога станува збор за градежните компании.
– Нема земја во Европа во која градежништвото има пораст, а не, пак, пораст од 33 проценти како во Македонија. Тоа не е случајно. Тоа е резултат на изборот на оваа Влада, која форсира капитални инвестиции од буџетот во сите сфери. Тие создаваат работа не само за градежните компании, туку и за стотици мали фирми, кои се подизведувачи. Со тоа се спасија илјадници работни места, се обезбеди плата за работниците во вакви тешки времиња, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.