Независната продукција „Театар 007“ од денеска до 30 септември ќе учествува на 10. Меѓународен театарски фестивал „Театрален куфер“ што се одржува во Минск, Белорусија.
„Театар 007“ на овој фестивал е селектиран со претставата „Игра“, работена според кратките раскази од Данил Хармс, во режија на Игор Ивковиќ.
– „Игра“ е претстава – револт за сите политизирања на театарот. Таа е алтернативна приказна на сите познати стереотипи на професионалниот театар. Ова е претстава во која се иронизира, исмејува и пародизира се што значи „локално“, „мое“, наспроти „глобално“ и „наше заедничко живеење исполеното со игра.“, изјави Миодраг Костиќ, продуцент на „Театар 007“.
Во претставата играат Дарко Вељиќ, Фаик Мефаилоски, Катерина Петровска, Влатко Толески, Јана Пауновска, Анастасија Ашкилова, Дарко Богески и Весна Пановска.
„Театар 007“ најави дека по враќањето од фестивалот во Минск ќе ја почне сезоната со репертоар збогатен со неколку нови претстави.