Во Босна и Херцеговина 750 илјади домаќинства поседуваат илегално оружје, а дури 90 отсто оружени кривични дела во БиХ се изведени со употреба на илегално оружје, покажуваат податоците од Програмата за развој на Обединетите нации во БиХ (УНДП).
Загрижувачки е дека бројот на илегалното оружје, и покрај бројните акции со кои граѓаните без каква и да е одговорност можат да го предадат, се повеќе се зголемува, па за последните две години се зголеми за околу 300.000 парчиња, пишува „Дневни аваз“.
Според податоците од ентитетските статистички заводи, во БиХ живеат околу 3,8 милиони луѓе, од што произлегува дека речиси секој петти жител има некакво нелегално оружје.
Уште поалармантни се податоците за достапноста на оружјето, а понуди се наоѓаат и во весниците и на интернет. На продажба можат да се најдат рачни бомби, пиштоли, автоматски пушки до рачни минофрлачи, кои можат да се набават за 150 конвертабилни германски марки.
Цената на пиштолите се движи од 50 до 5.000 марки, автоматските пушки се продаваат за 200, додека 100 куршуми чинат од 15 до 20 марки. По тие цени вистински арсенал може да се пронајде во пунудите на Фејсбук (Профил Продажба на оружје) каде се нудат со детален опис и фотографии, а има и парчиња со натпис од поранешна ЈНА.
Иако огласите се јавни, подолга комуникација со огласувачите тешко е да се воспостави, неведува весникот.
Директорот на Федералната управа на полицијата Драган Лукач вели дека полицијата треба да реагира во случај да се појават огласи во кои се продаваат првенствено автоматски пушки, бидејќи за нив законска дозвола не може да има ни продавачот ни купувачот.