Официјални лица на полицискиот оддел на Њу Орлеанс (НОПД) објавија дека во просторијата за докази, во седиштето на полициските сили на тој град, се појавиле стаорци кои јадат доказни материјали, меѓу другото, и марихуана.
„Стаорците ја јадат нашата марихуана. Сите се на дрога“, рече началникот на полицијата Ен Киркпатрик на состанокот во понеделникот на градскиот комитет за кривична правда.
Проблемот не е ограничен само на просторијата за докази, но некои вработени тврдат дека на нивните столчиња пронашле измет од стаорци, пренесува CBS News.
Во истата зграда не работат клима уредите и лифтовите, истакна Кикпатрик, додавајќи дека лицемерно е да се каже дека службениците се грижат за вработените, додека тие работат во нехигиенски услови.
Членовите на Советот на состанокот на одборот во понеделникот гласаа за одобрување на нов закуп на зградата на НОПД.
Новиот 10-годишен закуп би го чинел градот 670.000 долари месечно, што е сепак поевтино од 30 милиони долари што би ги чинело за да се поправи сегашното седиште, рече Гилберт Монтано, главен административен директор на градот.