Онлајнмедиа.мк: Повторно сме пред нови можни манипулации со парите за кампањите по порталите

Од:

И пред овие избори, регистрацијата на интернет порталите на листата на Државната изборна комисија за право на учество во изборната кампања финансирана од буџетот, ги покажа сите аномалии на ваквиот процес кои со години се спроведува. Здружението на професионалните портали Онлајнмедиа.мк постојано укажува на неопходноста од законски измени и регулација и на овој дел од медиумскиот простор, но владеачките партии упорно одбиваат да ги прифатат овие забелешки на медиумските работници, се вели во реакцијата на Онлајнмедиа.мк.

„Вчера ДИК соопшти дека на таа листа се регистрирани 249 портали. Регистрацијата како и досега оди по автоматизам, само со испратено барање за регистрација и ценовник и ништо друго. Дали постои порталот воопшто, колку време постои, дали е регистриран со македонски домејн, кој е издавач – поединец или регистрирана фирма, дали е активен, има ли вработени новинари, портали како посебни единици на ТВ станиците и на весниците, една фирма со по 4-5 портали, а сите се регистрираа како засебни медиумски единици… Тоа во ДИК никој не го проверува.

И повторно по изборите ќе дознаеме колку државни пари се слеале на непостоечки портали, во портали регистрирани еден месец пред изборите, во портали кои објавуваат по 2-3 вести дневно, во портали без канцеларии, без редакција, без некаков барем тригодишен историјат…

Ревизорите лани побараа промена и доуредување на Изборниот законик во делот за платеното политичко рекламирање на медиумите, особено на порталите, кои, според Државниот завод за ревизија се сѐ подоминантна платформа за изборната партиска пропаганда.

Новата влада ќе мора овие прашања да ги реши веднаш, а не да чека проблемите да се отворат повторно пред наредните избори. Ние ги имаме решенијата, нашите предлози се јавно објавени и како и досега ѝ стоиме на располагање на секоја власт за консултации и изнаоѓање на соодветни решенија за овој сериозен проблем“, соопшти Онлајнмедиа.мк.

Би можело да ве интересира

Здружението Онлајнмедиа ги поддржува предлозите за измени на Законот за медиуми

А1он