Белата куќа денеска објави дека нема да поддржи никакви планови на Израел за големи воени операции во Рафах во јужниот дел на Појасот Газа и нагласи дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен јасно изразил загриженост на САД за таквите операции.
Во четвртокот Израел го бомбардираше Рафах, град на јужната граница каде што се засолни повеќе од половина од населението на Газа.
„Секоја голема воена операција во Рафах во овој момент, под овие околности, со повеќе од милион, веројатно милион и пол Палестинци кои побарале засолниште во Рафах, без да ја земат предвид нивната безбедност, би била катастрофа, а ние не го поддржуваме тоа “, рече портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.
Хуманитарните агенции предупредуваат на претстојната катастрофа доколку Израел ја исполни својата закана да влезе во Рафах, еден од последните делови на Појасот Газа недопрени од израелските војници. Израелски авиони утринава бомбардираа делови од областа, а жителите јавуваат дека во две куќи загинале 11 лица.
Тенковите беа насочени кон делови од Источен Рафах, интензивирајќи ги стравувањата на населението од претстојната инвазија. САД објавија дека знаат за двајца Американци кои биле уапсени од израелските сили во рација во Појасот Газа рано утринава, објави Стејт департментот.
САД не ги идентификуваа, но семејството на 20-годишниот Хашем и 18-годишниот Борак Алага објави дека двајцата браќа се уапсени западно од градот Хан Јунис. Уапсени се уште четворица членови на семејството, меѓу кои и нивниот татко со канадски пасош и вујко, соопшти семејството.