Питер Наваро, кој беше помошник на Доналд Трамп во Белата куќа, денеска беше осуден на четири месеци затвор за непочитување на Конгресот затоа што одбил да соработува со истрагата на Конгресот за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.
Наваро е прогласен за виновен затоа што не одговорил на повик од Претставничкиот дом да сведочи за настаните од 6 јануари, пренесува АП.
Тој беше трговски советник во Белата куќа за време на претседателствувањето на Трамп, по што промовираше тврдења на републиканците за масовна измама на изборите во 2020 година, кои Трамп ги загуби од демократот Џозеф Бајден, соопшти агенцијата.
Наваро најави дека ќе поднесе жалба на пресудата, велејќи дека не може да соработува со истрагата бидејќи Трамп се повикал на извршната привилегија.
– Никој на мојата позиција не треба да биде во конфликт меѓу законодавната и извршната власт – рече Наваро.
Судијата, сепак, му забрани да го изнесе тој аргумент на судењето.