Општина Богданци утре ќе го одбележи Меѓународниот ден без автомобили со организирање „Марш со велосипеди, тротинети, ролери, скиролери и пешачење“, како дел од Европската недела на мобилност која трае до 22-ри септември.
Во маршот ќе учествуваат ученици од средното и основните училишта од општината, како и најмалите дечиња од градинката кои ќе тргнат од три различни локации за да се соединат во Градскиот парк каде што ќе се одржи наградна игра, а присутните ќе ги забавува естрадната ѕвезда Александар Белов.
Настанот има цел да ја подигне свеста кај граѓаните за влијанието на транспортот врз квалитетот на воздухот и да ги охрабри да го подобрат здравјето со промена на еден нивен ден во ден на мобилно однесување.
Во манифестацијата годинава се вклучени повеќе од 2.000 градови од 43 земји во светот кои одржуваат различни активности за одржливост на мобилна култура.