Македонија е рангирана на 71 место од 151 земји вклучени во годишниот извештај за 2013 година “Економска слобода во светот”, изготвен од канадскиот институт “Фрејзер”.
Извештајот ја одразува сликата на економската слобода во светот по податоците од 2011 година. Хонконг е на чело на листата, следуваат Сингапур, Нов Зеланд и Швајцарија. Средната оценка за економската слобода во светот се зголемила за 6,87 поени од максималните 10 во споредба со 6,74 во минатата година. САД, кои долги години се сметаа за бастион на економската слобода, сега се класифицирани на 17 место во светот.
Истражувањето покажа, дека граѓаните на државите со висок степен на економска слобода имаат поголема благосостојба, повеќе политички и граѓански слободи и подол животен век. Основите на економската слобода ги сочинуваат можностите за личен избор, слободната размена, конкурентната средина и безбедноста на приватната сопственост. Од земјите во регионот најдобро е рангирана Албанија на 48 место, а Бугарија и Црна Гора се на иста позиција – 49 место. Хрватска е на 75-то, а Словенија на 97 место.