Изминатата година, државата наплатила 62 милиони евра од патарини, што претставува најголема сума досега, за што директорот на ЈПДП – Ејуп Рустеми изјави дека е горд. Иронично, за Рустеми државата направила модерна, електронска и современа наплата за патарини, која според него, нуди професионална и квалитетна услуга.
Додека, во реалноста, Македонија е меѓу земјите со најскапи патарини во регионот, со просечна цена од приближно 2.6 денари по изминат километар со патничко возило од Б категорија, а со патишта во прилично лоша состојба. За споредба, во соседна Србија со последните поскапувања, овој износ е приближно 25 отсто понизок, односно околу 2.1 денари, вклучително со последните поскапувања. Дополнително, граѓаните плаќаат полн износ патарина и за користење на автопатишта кои се под реконструкција и на кои условите за возење се на ниво на локални патишта, велат од Левица.
„Граѓаните плаќаат патарина и за делницата Тетово – Гостивар, која воопшто не е автопат, ниту според број и широчина на коловозни ленти, ниту по безбедносни стандарди. Понатаму, сегашниот систем за наплата на патарини е најнеефикасниот во регионот. Додека во соседството одамна е пристапено кон далеку попрактични системи за наплата (затворени системи или системи на вињетки), во Македонија наплатни пунктови се поставени на секои 20-30 километри, со што возачите застануваат по четири до пет пати на поминати 100 километри. Во периодите на зголемена фреквентност, повеќе време губат во чекање пред наплатен пункт отколку во движење.
Електронскиот систем за наплата, со кој се фали Рустеми, е полуфункционален. Недостасува електронска опрема за наплата на патот Скопје-Тетово и Тетово-Гостивар, а новите тагови неколку месеци ги нема за продажба. На патарините од Скопје до Гостивар никаков електронски систем за наплата не постои, освен наплатата со банкарски картички преку ПОС терминали (ако и тоа се’ уште го сметаат за напреден систем).
Дополнително, државата два пати им наплаќа на граѓаните за користење делови од автопатот, еднаш на наплатна станица и еднаш при регистрација на возилото. Уште во април 2022 година, Левица побара измена на Законот за јавни патишта со која се предвидуваше намалување на цените на патарините за 50 отсто, но владејачката спрега СДС-ДУИ го одби. Очигледно, криминогената елита на власт не увиди дек патарините треба да бидат соодветни на социјалниот стандард на граѓаните и нивната економска моќ.
Додека, граѓаните од внатрешноста годишно трошат дури три просечни месечни плати за да го покријат трошокот од патарините, кој мора да го подмират поради работните можности кои се концентрирани во главниот град. Пратениците во македонското Собрание имаат реална моќ да ја подобрат состојбата, но истите се негативно засегнати од намалувањето на надоместокот за патарините бидејќи надоместокот за нивните „патни трошоци“ ќе се намали. Левица нема да престане да се залага за ново законско решение, со кое ќе се одземе правото на Владата да одлучува за начинот на наплатата и определувањето на висината на патарините и истото да се префрли на Собранието, со што тоа би станало законска материја, наместо подзаконска материја, како сега“, тврдат од партијата.