Судството и јавното обвинителство, капацитетите на посебните институции на правосудниот систем, индивидуалните професии и Јавни служби, Уставниот суд и специфичните правни области (кривична и граѓанска материја) се петте клучни приоритетни области релевантни за функционирање на правосудството вклучени во Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-2028 што денеска ја презентираше Министерството за правда.
Како што информираше на денешниот брифинг министерот за правда Кренар Лога, при подготовка на новата Стратегија, како почетна основа е земена предвид претходната Стратегија за реформа во правосудниот систем (2017-2022) извештаите на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија, како и сите досегашни извештаи кои беа изготвени во рамки на тековните проекти од ИПА.
На брифингот, професорот Владо Камбовски, дел од работната група која ја изработи Стратегијата, ги образложи приоритетните областа на Стратегијата, односно целите од Акцискиот план.
Во првата приоритетна област – Судство и јавно обвинителство во согласност со ЕУ стандарди е опфатена измена на Законот за Судски совет, измена на Законот за Совет на јавни обвинители – по примерот на Законот за Судски совет како и измена на Закон за судови и Закон за јавно обвинителство.
Опфатено е и прецизирање на постапката за избор на јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција како и зајакнување на законските гаранции за независно и самостојно располагање (управување) со судскиот буџет, утврден во согласност со бруто домашниот производ (БДП) утврдени во закон (0,8 отсто) вклучувајќи и спроведување на централизирани набавки
Предвидено е и создавање ефективен систем за исплата на досуден паричен надоместок за долго траење на постапките, утврдени од ЕСЧП и Врховниот суд на РСМ, како и донесување на ИКТ стратегија за правосудниот систем 2024 -2028.
Помеѓу активностите предвидени во приоритетната област зајакнување на капацитетите, ефикасноста и ефективноста на правосудните институции се зајакнување на функционалноста на одделението за судска пракса на Врховниот суд за единствена примена на законите и следење на јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, воспоставување критериуми за сложеноста на предметите во Јавното обвинителство и преиспитување на сегашните надлежности на Државното правобранителство во насока на зголемување на неговите надлежности во заштитата на државниот имот и интереси и учество во постапките пред судовите во кои е засегнат државниот имот и државните интереси.
Третата приоритетна област е самостојни правни професии и јавни служби и опфаќа унапредување на институционалната рамка за вршење на адвокатската дејност, зголемување на ефикасноста, дигитализацијата и одговорноста на извршителит, воспоставување на предуслови за зголемување на ефикасноста на работата на нотарите во гарантирање на правна сигурност и зголемување на употребата на медијација во решавањето на спорови.
Уставниот суд на Република Северна Македонија е опфатен во четвртата приоритетна област, каде што е наведено спроведување на процес на анализа и стручни консултации за воведување на институтот „уставна жалба“ преку измена на Уставот врз основа на темелна проценка и разгледување на нејзиното потенцијално влијание и донесување на посебен закон за Уставен суд.
Последната, петта приоритетна област ги опфаќа реформите во посебни правни области (кривични и граѓански) и таму е предвидена кодификација на казненинте одредби во Кривичниот законик и негово усогласување со европските и меѓународните стандарди, донесување на нов Закон за кривична постапка со цел усогласување со релевантните директиви на ЕУ и надминување на проблеми кои се појавија во практиката, реформиран систем за правда за децата во согласност со меѓународни стандарди, регулирање на меѓународната соработка во кривичната материја со земјите-членки на ЕУ, во согласност со acquis communitaire на ЕУ, кодификување на граѓанското законодавство во еден сеопфатен Граѓански законик и донесување на закони во посебни области од надлежност на МП (нов Изборен законик, Закон за финансирање на политички партии, Закон за соодветна и правична застапеност).