Хамас и другите палестински фракции денеска ги отфрлија разговорите за ослободување на израелските заложници, додека Израел одбива да ги запре воените напади врз Појасот Газа. Во соопштението на Хамас се наведува дека таквиот потег е одраз на „палестинската одлука на национално ниво“, пренесува Гардијан.
Како што се посочува, „не треба да се зборува за затвореници или договори за размена (на заложници), освен по целосно прекинување на агресијата“.
„Тајмс оф Израел“ додава дека неименуван израелски функционер, во изјавата што ја пренесоа израелските медиуми, го обвини Хамас дека се обидува да го условува ослободувањето на заложниците со крајот на војната.
„Тоа нема да се случи“, рече тој.
Околу 120 Израелци се уште се во заробеништво на Хамас и паравоената организација Исламски џихад.
Повеќе од 100 израелски заложници и стотици палестински затвореници беа ослободени како дел од претходниот договор со кој се бараше привремен прекин на непријателствата.