Израел и Хамас се согласија да го продолжат примирјето за најмалку уште еден ден, неколку минути пред крајот на шестдневното примирје. Во соопштението на израелската војска се вели дека примирјето ќе биде продолжено поради напорите на посредниците да го продолжат процесот на ослободување на заложниците држени во Газа во замена за палестинските затвореници.
Хамас, кој вчера ослободи 16 заложници во замена за ослободување на 30 Палестинци од израелските затвори, во соопштението наведе дека примирјето ќе продолжи. Претходно, милитантната група која владее со Појасот Газа објави дека Израел одбил да прифати седум жени и деца кои ги држи Хамас како заложници, како и телата на уште три за кои палестинските милитанти тврдат дека биле убиени за време на израелското бомбардирање на енклавата, во замена за натамошно продолжување на примирјето.
Портпаролот на израелската војска Дорон Шпилман исто така претходно изјави дека не е постигнат договор за следните заложници што треба да бидат ослободени.
„Затоа, доколку истече оваа рамка, израелската армија е целосно позиционирана и подготвена да ги рестартира воените операции против Хамас во Појасот Газа“, рече тој.
Повикувајќи се на официјални претставници, израелските медиуми објавија дека армијата ќе продолжи со нападите врз Газа во 7 часот по локално време, доколку владата дотогаш не добие список на заложници кои треба да бидат ослободени кои ги исполнуваат нејзините критериуми.
Вооруженото крило на Хамас им порача на своите борци во Појасот Газа да бидат подготвени да ја продолжат битката со Израел доколку привременото примирје не биде продолжено.
Како одговор на бруталниот напад на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 240 беа земени како заложници, Израел силно ја бомбардира Газа во последните седум недели, до почетокот на примирјето, каде што се случува хуманитарна катастрофа, а според податоците на локалните власти загинале повеќе од 15 илјади луѓе, од кои 40 отсто се деца.