Агенцијата на ОН за работа со палестинските бегалци (УНРВА) денеска потврди дека вториот конвој со хуманитарна помош влегол во Појасот Газа преку египетскиот премин Рафах, но се уште чека гориво за да пристигне на палестинската територија, а Газа има залихи за само уште три дена.
Во меѓувреме, Светската програма за храна (WFP) предупреди дека хуманитарната ситуација во Газа е катастрофална, дека помошта испорачана вчера во 20 камиони е само „капка во океанот“ и дека на хуманитарните агенции им треба безбеден и одржлив пристап до палестинската енклава.
УНРВА соопшти дека е во процес на проверка на сите 17 камиони на влезот во Газа, кои содржат храна, вода и медицински материјали за населението, откако вчера пристигна конвојот за прва помош од 20 камиони, јави Би-Би-Си.