На свечен настан, вчера во Општина Аеродром официјално беше пуштен во употреба новиот фудбалски терен наменет за младинската школа на фудбалскиот клуб Вардар. На настанот присуствуваше и се обрати градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, како иницијатор на оваа активност за поддршка на фудбалскиот клуб.
Тој во своето обраќање потенцираше дека ветувањето за поддршка и враќање на Вардар на старите патеки, стана реалност и со тоа Општина Аеродром стана првата општина во Скопје која дава директна поддршка за „црвено – црниот“ клуб кој е национална гордост на Македонија.
„Вардар, Комити и младите фудбалски таленти отсега имаат свој дом во Аеродром и со ова Аеродром е првата општина во Скопје која дава поддршка за црвено – црните, клубот кој е национална и спортска гордост на Македонија“, истакна Муцунски.
Станува збор за целосно обновен спортски терен чија реконструкција опфаќа нова тревна подлога, системи за одржување и наводнување, ново осветлување и целосна реконструкција на соблекувалните. Проектот го реализираше Општина Аеродром со поддршка на приватниот сектор.
Градоначалникот Муцунски се заблагодари за претседателот на советот Дејан Митески, фудбалскиот клуб Вардар и навивачката група Комити за својот придонес и поддршка за реализација на оваа идеја која е од големо значење за фановите, клубот и генерално за спортот во Македонија.
На самиот крај тој нагласи дека вистинско задоволство е во присуство на фановите на Вардар, поранешните и актуелни играчи, како и младите таленти, да се отвори новото спортско игралиште каде ќе продолжи да се испишува на историја на клубот и да се градат идните национални фудбалски таленти.