Со поставување камен темелник денеска во Скопје започна изградбата на новиот објект на затворот Идризово, најголема казнено поправна установа во Република Македонија.
Инвестицијата вредна 52 милиони евра, обезбедена е од Банката за развој при Советот на Европа и од Буџетот на државата, а ќе овозможат европски стандарди во однос на условите за издржување казни на осудениците и ќе се зголеми капацитетот на установата од 900 на над 1.600 лица.
На почнувањето со градба присуствуваше премиерот Никола Груевски кој истакна дека станува збор за капитален проект кој следува како резултат на повеќегодишни подготовки и со примена на најдобрите искуства во оваа област од земјите во ЕУ.
– Станува збор за крупна инвестиција, која ќе го подобри престојот и третманот кон затворените лица. Тие се осудени на одреден затвор поради некое кривично дело што го извршиле, но треба да се почитува нивното достоинство и човекови права и мора да се инвестира во тој дел, во делот на нормален престој што не ги нарушува нивните права. Република Македонија со овој чекор ќе им помогне на лицата кои се наоѓаат во затвор во смисла на похуман престој и третман, а воедно ќе исполни и одредени критериуми согласно европските стандарди затоа што овој проект е работен согласно сите стандарди на ЕУ, рече премиерот Груевски.
Изградбата ќе се одвива во три фази и ќе опфати изградба на ново приемно, затворско и полуотворено одделение, реконструкција на отвореното одделение, изградба на главна капија, на центар за посети, ново здравствено одделение, спортска сала, работилници, магацини, нов безбедносен ѕид, огради, нова пречистителна станица и нови одделенија во женскиот затвор. На овој начин, додаде премиерот, ќе се создадат услови за спроведување на специфичните третмански програми на осудените лица со што ќе се имплементираат препораките на Комитетот за заштита од тортура и нечовечко постапување и казнување.
Во контекс на подобрување на состојбите во затворскиот систем, тој посочи дека Владата се зафати со реконструкција и проширување на постојните, но и изградба на нови објекти при што комплетно беа реновирани затворите во Прилеп и Штип, а беше изградено и целосно ново притворско одделение во затворот „Скопје“.
– Ова е прв чекор од ваков обем кој се презема за постигнување на меѓународно признатите стандарди за функционирање на затворските установи. Со техничките подобрувања се очекува да добиеме енергетски ефикасни објекти со минимизирани надворешни влијанија и употреба на соодветна технологија што ќе му овозможи на персоналот да се концентрира кон корективни активности. Ќе биде извршено и целосно опремување на тренинг центарот вклучително и на салата за обуки и на сместувачките капацитети. Со тоа ќе се обезбедат услови за спроведување на почетни и континуирани обуки на затворскиот персонал од сите казнено поправни установи со што ќе се овозможи почитување на професионалните стандарди за работа на вработените во насока на професионално постапување и целосно почитување на човековите права на осудените лица. Со сите овие реформски активности ќе се развие високо професионален систем кој го карактеризираат независност, ефикасност, квалитет и транспарентност, рече Груевски.
Според министерот за правда Блерим Беџети денешниот камен темелник претставува еден од најзначајните моменти во процесот на реформските активности за подобрување на функцинирањето на затворскиот систем во Македонија. Тој меѓу другото го потенцира значењето на Националната стратегија на пенитенцијарниот систем чија изработка е во тек во рамки на проектот ИПА 2009 со која треба да се идентификуваат позитивните и негативните аспекти на функционирањето на затворскиот систем и да се постават конкретни цели за негово подобрување.
– Реформите кои ги преземаме во затворскиот систем продолжуваат во насока на остварување на стратешките цели на Владата и на Министерството за правда-Управата за извршување на санкциите, а тоа е да добиеме затвори според европски стандарди со што ќе се оствари и целта на издржувањето на казна затвор, а тоа е успешна ресоцијализација и социјална адаптација на осудените лица заради нивна реинтеграција во општеството, рече Беџети.