Населението на Босна и Херцеговина во следните 17 години ќе се намали за пет проценти, на околу 3,6 милиони жители, покажува истражувањето на агенцијата „Евромонитор“.
Според социолозите и демографите белата чума и стареењето на населението во Босна и Херцеговина се главни проблеми за ваквата тенденција.
Причини за намалувањето на населението се негативната миграција, намалениот број новороденчиња и раст на морталитетот, пишува весникот „Дневни аваз“, додавајќи дека популацијата на БиХ бележи тренд на стареење, односно дека до 2030 година ќе биде десетата најстара држава во светот.
Социолозите предупредуваат дека ќе дојде до механичко осиромашување на руралните подрачја, односно луѓето од село масовно ќе се населуваат во градовите, што е неприфатливо за БиХ бидејќи нема развиено земјоделство што на индустриски начин може да произведува храна.
Според пописот од 1991 година БиХ имала 4.377.033 жители, додека податоците на Централната разузнавачка служба покажуваат дека во јули 2013 во БиХ живееле 3.875.723 луѓе.
Просечниот животен век во БиХ изнесува 76,2 години.