Поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман денеска ќе седне во обвинителна клупа.
Кузман се товари за злоупотреба на службената положба бидејќи нелегално издал согласност на две лица да вршат ископувања во околината на Катланово и кај Делчево.
Првиот локалитет бил кај местото Драмски Рид во околината на Делчево каде се претпоставува дека во еден напуштен и затрупан тунел било оставено големо количество оружје од германската војска во Втората светска војна, а вториот локалитет бил кај Катланово каде се трагало по закопано злато вредно неколку милиони евра.
Во издадените согласности не биле наведени точните локации каде требало да се изведуваат ископувањата. Исто така, не постои ниту еден записник од извршена контрола ниту пак задолжителна фотодокументација од вршени ископувања, па не е познато дали нешто е пронајдено на двата локалитети и што се случило со предметите.