Стојковски: За шест месеци 1.072 инспекциски надзори, 25 прекршочни санкции

Од:

Директорот на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Сретен Стојковски денеска на прес-конференција информираше дека за првите шест месеци годинава реализирани се 1.072 инспекциски надзори, а имало 25 прекршочни санкции.

Тој презентираше извадоци од извештајот за работењето на инспекторатот за периодот од јануари до јуни годинава и даде осврт на тековното работење и активностите на ДИЖС.

– Во овој период се планирани 907, а реализирани се 1.072 инспекциски надзори. Планот е надминат за 165 инспекциски надзори или за 18,2 отсто. Имаше 25 прекршочни санкции, иницирани се постапки согласно законите со максимални санкции од над 556.000 евра во денарска противвредност за сторени прекршоци. 180,000 евра за „Цементарница УСЈЕ“, 180,000 евра за ЈСП Скопје, 110,000 евра за Пејпермил Кочани, 76.000 евра за ВЕ-ГРУП ДООЕЛ, Радовиш, 10,000 евра за Флауер Пауер од Вевчани. Се уште во процедура се и предметите за неколку јавни водоводни претпријатија – ЈП „Водовод“ Прилеп, ЈП „Водовод“ Куманово и ЈП „Водовод“ Скопје. Во извештајниот период се наплатени и платни налози со постапка за порамнување од физички лица заради законски повреди за незаконско управување со отпад, а иницирани се и постапки за спогодување до Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање, појасни Стојковски.

Поднесена е и една кривична пријава против непознат сторител до Основното јавно обвинителство во Охрид од секторот природа, за излевање на нафтен дериват во Студенчишки канал, Охридско Езеро.

– На врвот на инспекциски надзори по закони во прво полугодие од 2023 година е Законот за животната средина – 410, па Закон за управување со отпад – 265, па Закон за води – 121, Закон за управување со пакување и отпад од пакување – 74, Закон за заштита на природата – 48, Закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема – 13, Закон за управување со батерии и акумулатори и отпад од батерии и акумулатори – 4, Закон за заштита од бучава во животната средина – 4, Закон за квалитет на амбиенталниот воздух – 4, Закон за утврдување на цени на водните услуги – 2 и Закон за хемикалии и Закон за минерални суровини по еден, соопшти Стојковски.

Во првите шест месеци од 2023 година, добиени биле вкупно 50 претставки од граѓаните по пат на достапните начини на комуникација.

– Од вкупно примените 50 претставки, девет биле наменети за инспекторите во ДИЖС, сите останати се однесувале на постапување на општинските/овластените инспектори за животна средина, како и за комунални работи општинските/овластените комунални инспектори. Најчесто претставките се однесувале на управување со отпад, палење на отпад/стрништа на јавни површини, бучава од угостителски објекти, непријатна миризба од чување домашни животни, атмосферски канал и канализација, појасни Стојковски.

И овој летен период, нагласи, имало загадување на животната средина.

– Горење на нестандардни комунални депонии со кои управуваат ЈКП-ата и ѓубришта на јавни површини, палење на земјоделски стрништа што се во надлежност на Државниот инспекторат за земјоделство. Симптоматично е како сите нестандардни комунални депонии беа опожарени во краток временски период. ДИЖС преку подрачните одделенија, пред започнување на летниот период и по прогнозите за високи температури им укажа на сите овластени инспектори за животна средина во општините за опасноста од запалување на нестандардните комунални депонии и истите да направат увид во ЈКП-ата што управуваат со депониите како би биле подготвени со луѓе и средства за евентуално гасење, истакна директорот.

Решението за овие горливи проблеми е познато, како што кажа, а тоа е изградба на регионални центри за одржливо управување со отпадот според европски еколошки стандарди и примарна селекција.

– Финансиски грантови од ЕУ има, а за 30 години нема изградено ни една санитарна депонија, додаде директорот.

Тој се осврна и на вработените инспектори и на пополнетоста на работни места за првите шест месеци годинава.

– Пополнетоста на работните места согласно систематизацијата сега е 54,7 отсто. Во однос на инспекторите, имаме пополнетост од 65 проценти, а во однос на административниот дел 26 отсто. Во овој период имаме 16 инспектори над 55 години што загрижува, од 25 инспектори значи 16 се со над 55 години, рече директорот на ДИЖС.

Буџетот на ДИЖС, како што посочи, за 2023 година е 36.275.000,00 денари, а реализацијата во првото полугодие била 18.140.206,00 денари или 38.58 проценти.

Би можело да ве интересира

На Пеленица има околу 40.000 тони контаминирана почва како резултат на одредени количини линдан

Убиени се мечка и две мали мечиња во село Жировница

Петровска: Oстанувам во јатото на искрени и чесни борци за здрава животна средина

A1on