„Сработи, преработи, надработи“ е централна тема на 38. музичко-научна манифестација „Струшка музичка есен“ што од синоќа до 15. септември се одржува во организација на Сојузот на композиторите на Македонија.
На отворањето на манифестацијата во црквата Рождество на Пресвета Богородица во Калишта настапи хорот од псалти „Калистрат Зографски“ од Струга, а беше промовирана и книгата „Македонските црковни псалти од 19 век“ од Михајло Георгиевски.
Георгиевски во неговото истражување има откриено и презентирано околу 40 музички ракописи и околу 30 музички псалти, кои се пееле по македонски цркви и манастири во 19 век.
– Тие ги поставиле и основите на македонската духовна музика и преку неа ја ширеле музичката култура. Учесниците на манифестацијата дадоа свои придонеси во расветлувањето на македонската црковна музика. Книгата е богата по дух и содржина бидејќи во неа се опфатени 30 музички ракописи и 20 псалти кои оставија траен белег во македонската духовна музика, изјави Георгиевски.
„Струшка музичка есен“, според Ивона Опетческа – Татарчевска претставник од Програмскиот одбор, е единствена научна музиколошка средба која 38 – ми пат се одржува во Струга.
Струшката музичка есен е конципирана како научно-музичка манифестација. Годинава учествуваат врвни музиколози, а ќе има и концертен дел, рече Опетческа –Татарчевска.
Со концертен перформанс „Штимот на морковот“ вечер ќе настапи Линзи Полак од Австралија. Тој е воодушевен од македонската музика и пред 30-тина години научил да свири гајда. Од предметите што го опкружуваат, тој создава музика, од гумени ракавици направил гајда, од моркови кларинети…
На 38. издание на „Струшка музичка есен“ се одбележуваат значајни јубилеи од раѓањето на македонски композитори кои оставиле траен белег врз македонското музичко творештво. Сто 100 години од раѓањето на еден од основоположниците на македонската опера и балет Петре Богданов-Кочко, 100 години од раѓањето на Илија Николоски – Луј, еден од основачите на македонската музичка педагогија,.